Претставничка на ЦБМЗ учествуваше на обука на ОБСЕ за превенција на рани бракови

На 6 и 7 октомври 2026 година, Зорица Спировска, програмски асистент во Центарот за безбедност и ментално здравје (ЦБМЗ), учествуваше на обуката за обучувачи „Training of Trainers: Youth Ambassadors and Peer Educators for the Prevention of Early Marriages“ во Велес, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Обуката беше посветена на превенцијата на раните бракови, со фокус на улогата на младинските амбасадори и врсничките едукатори во подигнувањето на свеста, информирањето и поттикнувањето разговор за ова прашање меѓу младите.
Во текот на двата дена беа обработени повеќе меѓусебно поврзани теми. Учесниците се запознаа со поимите еднаквост и недискриминација, ги разгледаа разликите меѓу предрасуда, стереотип и дискриминација и учеа како да ја препознаат дискриминацијата во секојдневни ситуации.
Посебно внимание беше посветено на родово базираното насилство, на контролирачкото однесување, притисокот и манипулацијата, како и на тоа како родовите стереотипи влијаат врз ставовите и изборите на младите. Беа разгледани и сериозните последици од раните и детските бракови врз животот на младите, знаците дека некој млад човек е изложен на притисок за брак и чекорите што може да се преземат во таква ситуација.
Дел од обуката се однесуваше на врсничкото насилство: од разликувањето на конфликтот од булинг, преку различните форми на насилство (физичко, вербално, социјално, онлајн и насилство поврзано со етничката припадност и родот), до улогата на жртвата, сторителот и сведокот. Учесниците вежбаа како од пасивни набљудувачи да станат активни и безбедни поддржувачи (upstanders), како да реагираат кога некој млад човек ќе им се довери за доживеано насилство и како да ги препознаат предупредувачките знаци за кои е потребна дополнителна поддршка или упатување. Во таа насока се запознаа и со практичниот инструмент SAFE (See – Assess Safety – Find Support – Empower).
Обуката имаше и силна практична компонента. Преку сесиите за младински активизам и за организирање работилница со млади, учесниците ги разгледаа начините на кои младите можат да се мотивираат за учество, како да се создаде средина во која се чувствуваат слободни, прифатени и слушнати и како да се вклучат и потивките учесници. Работеа и со интерактивни методи и техники: icebreakers, energizers, игри, работа во групи, дискусија, role-play, storytelling и brainstorming. Вториот ден беше посветен на практична работа во тимови на три теми (недискриминација, рани бракови и врсничко насилство), по што следеа презентации, заклучоци и евалуација.
Врсничката едукација претставува важен пристап во превентивната работа, бидејќи овозможува младите активно да учествуваат во препознавањето на проблемите што ги засегаат нивните врсници и во споделувањето информации и знаења во своите заедници.
Учеството на оваа обука е во согласност со заложбите на ЦБМЗ за зајакнување на капацитетите за превентивна работа, заштита на ранливите категории и поголемо вклучување на младите во активности од значење за нивната безбедност и благосостојба.



Comments